Сместен на падините на Скопска Црна Гора, во близина на Куманово, во манастирот е сместена црквата Успение на Пресвета Богородица — главна и единствена манастирска црква во рамки на комплексот. Оваа црква посветена на Пресвета Богородица, е подигната во 11 век за што сведочат написи на грчки јазик од времето на Комнени, додека во изворите прв пат се спомнува во хрисовуљата на цар Милутин од 1300 г., во која е забележано дека нејзината градба ја започнал царот Душан, подигајќи ја врз темели на постара црква, посветена на Света Богородица Црногорска.

Богородичниот храм е подигнат на просторот на Жеглиговската област – „светиот рид на Немањиќите“, а фактот дека овој цар започнал со градење на црквата се споменува и во биографијата на цар Урош, каде е наведено дека по смртта на Душан, неговата жена, царица Јелена и синот Урош ја доградиле и живописале црквата.

МОНУМЕНТАЛНА И МОЌНА ГРАДБА

Станува збор за импозантен објект со импресивни размери. Вреди да се спомне и печатот на историчарот на уметност и универзитетски професор Ѓурѓе Бошковиќ, автор на книгата „Архитектура на среден век“ – која е и учебник на Архитектонскиот факултет,  кој мошне прецизно и убедливо прв го фотографирал овој објект меѓу двете светски војни.

Манастирската црква во Матејче има основа на впишан крст со пет куполи, четири помали во аглите и една голема во средината, кои со своите дванаесет страни е единствен пример, што секако претставува куриозитет во архитектурата и истото покажува дека тоа било царски прерогатив.

Долга е 23,5 метри и е една од поголемите градби, а нејзината издолжена основа, покрај четирите главни столба, ја држат уште два столба на источната и западната страна. Два дополнителни столба на запад, заедно со два пониски, го одделуваат централниот дел од црквата и формираат нартекс со главен влез.

Изградена е од обичен делкан камен, а на нејзината надворешност нема посебно украсување на фасадата или шарање со тули што може да се најде на други градби од овој период, додека куполите се направени од тули, а самата црковна апсида е украсена со ниши. По својата архитектура потсетува на Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане (1312/13) и на Богородичната црква во Грачаница (околу 1315).

Складот на пропорциите и монолитноста на градбата зборуваат за создавање на монументална и моќна градба посветена на светата заштитничка на големото и долговековно семејство на Немањиќи.

СПОМЕНИК НА ВРВНИ ЛИКОВНИ ОСТВАРУВАЊА

Сликаниот ансамбл во црквата опфаќа илустрацијата на четиринаесет циклуси и многубројни ликови на архијереи, воини, химнографи, маченици, пустиножители и монаси.

Претставувајќи го најголемиот сликан ансамбл на македонската територија во 14 век и вториот по големина на балканското подрачје, живописот на Богородичната црква во Матејче е споменик на врвните ликовни остварувања на својата епоха. Сликарството на црквата го претставува врвното остварување на уметничката работилница, координирана од големиот мајстор Јован Теоријан. 

Кога зборуваме за сликарството, од исклучителна важност е да се спомене дека ктиторската композиција е зачувана, иако до одреден степен е оштетена. Царицата Јелена и Урош Петти се претставни како го држат моделот на храмот. Раскошната ктиторска композиција, претставена во источниот дел на црквата, која, покрај ликот на донаторката, ги опфаќа и членовите на владетелското семејство, како и портретот на црковниот поглавар.

СЕРИОЗНА ЗАГРИЖЕНОСТ

Манастирот доминира со пејзажот, сведочејќи за богатото минато. Иако видлив од Куманово со голо око, патиштата до него се тешки и лоши – се стигнува само со теренско возило. Но сепак, ова е најмалку важната причина поради која манастирот е напуштен, тешко оштетен и запуштен.

Овој исклучителен културен споменик  со векови ги зачувал скапоцените фрески, архитектурата и духовното наследство од средниот век. Она што денес му се случува е мошне фрапантно: состојбата во која се наоѓа манастирот предизвикува сериозна загриженост кај стручната јавност. Иако Манастирот Матејче се наоѓа под заштита на државата; Решение бр. 37 уште од 10 февруари 1953 година, издадено од тогашниот Централен завод за заштита на културни споменици и природни реткости во Македонија, денес е во многу лоша состојба.

Неодамна бевме во посета на манастирот, јас како претставник на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ со доц. проф. д-р Јасмина С. Ќириќ, историчар на уметност и универзитетски професор и г-дин Бобан Младеновиќ од здружението „Матејче“, каде по увид на внатрешноста на храмот пронајдовме значително присуство на влага, органски наслаги и биолошка контаминација.

„На површината на подот на црквата има органски наслаги и фекален материјал како резултат на долготрајниот престој на гулаби и други животни во црквата. Ваквите услови претставуваат сериозна закана за зачувувањето на сликите и архитектонските предмети“, предупредува д-р Јасмина Ќириќ, потсетувајќи нѐ дека Матејче не е само споменик на архитектурата. Тоа е место кое со векови ги чува трагите на духовниот, културниот и државниот идентитет. Неговите ѕидови прикажуваат владетели, светци и библиски личности, на кои одекнуваат сведочења за едно време.

Фреските на Матејче не се само насликани ѕидови. Тие се хроника на еден народ запишан во камен и боја, сведоштво за верата, државноста и културата што преживеала војни, освојувања и заборавени векови.

Историјата, во нејзината најдлабока смисла, ги поврзува луѓето, времињата и генерациите. Со зачувувањето на Матејче, ние не само што го зачувуваме минатото, туку и правото на идните генерации да разберат кои биле нивните претци и какво наследство оставиле. Токму поради судбината, овој кралски дар заслужува многу поголемо внимание отколку што го има денес.

ЗАГРОЗЕНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

Незаштитеното светилиште континурано се нарушува. Овој манастирски комплекс, иако официјално е заштитено културно добро, во континуитет се сквернави со тешко уништување на подот на храмот. Провалувањето и ископувањето на подот на манастирската црква го потврди и надлежната Кумановско-осоговска епархија на МПЦ – ОА, давајќи детали за вандализмот во светилиштето во атарот на селото Матејче, Општина Липково. Се прецизира дека на 6 март 2025 година, до Митрополијата во Куманово е пријавено дека непознат сторител провалил во манастирската црква, го ископал подот, ги осквернавил посмртните останки на претходно погребани лица и го отстранил челичниот лим од централната купола на црквата.

Од Српскиот културно-информативен центар СПОНА во 2022 година беше доставен апел за заштита на манастирот, со молба за поддршка во обновата на запуштеното и повеќегодишно сквернавење на црквата Успение на Пресвета Богородица.

Во документот „Апел и барање за поддршка за реновирање на манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матејче и иницијатива за кандидатура на манастирот на Листата на загрозено светско културно наследство на УНЕСКО“, Центарот СПОНА го истакнува фактот дека поради драстичните штети предизвикани од вооружениот конфликт во 2001 година и негативните атмосферски влијанија, официјално е утврдено дека манастирот треба да се реновира.

За време вооружениот конфликт во 2001 година целиот манастирски комплекс беше сериозно оштетен. Таму се наоѓаше и седиште на групата на Ослободителната војска на Косово – ОВК.

За време на конфликтот, манастирскиот дом, кој со години служел како детско одморалиште е уништен. Делови од манастирската црква се опустошени, а фреските оштетени, додека подот во олтарниот простор е ископан. Со години по овој вандалски чин, манастирската црква остана без врати и прозорци, оставена да се распаѓа.

По военото уништување на манастирскиот комплекс, полициските извештаи од македонското Министерство за внатрешни работи евидентирале кражби и во „мирно време“, извршени од локални жители. Меѓу другото, дури и челичната заштита од покривот на црквата Успение на Пресвета Богородица е отстранета. Оваа штета е делумно поправена, но овие испади и сериозното сквернавење на храмот и ископување на подот на црквата продолжуваат.

Црквата ги доживува најтешките моменти од својата долга историја токму во нашето време, почнувајќи 2001 година, кога била користена како база на ОВК, што предизвикало сериозна штета на комплексот.

ПРОЦЕСОТ НА РАСПАЃАЊЕ Е ЗАБРЗАН

Оттогаш, процесот на распаѓање на архитектурата е забрзан. Фреските од година во година се во сѐ полоша состојба, кородирани од шалитра; подот е испукан од влагата која протекува од покривот; уништен е студентскиот дом, помошните манастирски простории, зградата на поранешното детско одморалиште, старата трпезарија и игралиштето.

Јасмина С. Ќириќ забележува дека занемарувањето на древното светилиште делумно е резултат на тоа што манастирот значително страдал за време на борбите во мај 2001 година. Тогаш, манастирот бил претворен во воен штаб на ОВК и складиште за оружје. 

„Конакот бил сериозно уништен, како и делови од црквата. Фреските биле оштетени, па дури и подот во олтарниот простор бил ископан, кога била уништена плочата од високата маса. Во нартексот на храмот има остатоци од воден талог, вратите на западната и на јужната страна биле срушени, делови од горната структура на храмот биле оштетени, а колонии инсекти го нашле своето трајно живеалиште во олтарниот простор.

Прозорците на централната купола биле трајно оштетени, па затоа фреските страдале. Штетата е предизвикана и од графити на фреската на апостол Петар, на која пишува „Диего Армандо Марадона Куп на УЕФА“, а над влезот е натписот на албанската ОВК и мотиви од албанското знаме. И покрај чистењето на фреските, кои делумно беа спасени преку напорите на Националниот конзерваторски центар на Република Северна Македонија, сè уште е можно да се видат остатоци од црната и зелената боја од спреј што е користена на неколку фрески“, вели Ќириќ.

И после толку години, нема конкретен напредок кога станува збор за систематска заштита на ова културно богатство од исклучително значење. Матејче е еден уникатен пример на еден средновековен бисер оставен на забот на времето за кој толку малку се говори и малку се прави и за жал, никој вистински не се грижи за неговото зачувување.

Колку е поголема возвишеноста и монументалноста на Матејче, толку помалку тој се споменува во стручната јавност. Оттука, од исклучително значење и важност е фактот што токму Порта 3 даде придонес и издвои простор да се крене гласот, пројавувајќи интерес за оваа тема и ова светилиште. 

Како непосакуван сведок на вековите и епохите, од кои (скоро) сите се откажале, освен декларативните ветувања пред празникот Успение на Пресвета Богородица, манастирот ја доживува судбината на локалните жители од истоименото село: кои се протерани и по толку години заборавени.

Затоа, барањето за заштита на Матејче не е само прашање на експерти или на конзерватори, туку и прашање на нашиот став и однос кон културната меморија и богатство.

Автор: Милутин СТАНЧИЌ

Porta3.mk